„Каков народ – таква држава“ – вели една позната поговорка, ама дали е баш така, никој не е до крај сигурен во кажаното?! Точно е дека власта си ја бира народот, ама кај нас мора да има некој скриен парадокс, некоја латентна фалинка, штом 30 години вака ни оди како што ни оди со државата, а еден куп власти и владеачки коалиции и се „изнаредија“ на нашава кутра Македонија!
Ќе го реши ли проблемот генерален „мастер ресет“ на системот или грешката е во генетскиот код на народот? Прашање или поточно дилема на која никој не може точно да одговори. Најдобар доказ за тоа се и последните примери со новите мерки за ковид пандемијата.
Вакцинација, па вакцинација, сертификат и за влез во нужник на првото кафуле ти бараат, ако не дај Боже те спотера среде град, бидејќи јавни тоалети – нема, а за пиење кафе без да покажеш дека си „боцнат“ барем еднаш и муабет да не праиме?!
Арно ама, народот е „жив ѓаол“ и не можеш баш така да го правиш „будала“, зашто и онакa веќе доволно „збудален“ од сѐ што му се случува по сите основи, на сите полиња.
Патем, кај нас како што е познато се фалсификуиваат лични карти и пасоши, па за сертификат за вакцинација збор не станува… Само ти посакај. Се разбира на црно, за 50 евренца!
Ова и онака е јавна тајна, па јавно го обзнани и нашиот шоумен Игор Џамбазов на својот Инстаграм профил. Со тоа ја разреши или само одново ја загатна дилемата, до државата ли е или до народот? Или ќе да е до двете?