Кога температурата надминува триесет степени, сите ние бараме начини да се разладиме. Климатизацијата е најефективното решение, но важно е да се внимава на неколку работи
Клима уредот е спас, но може да има негативно влијание врз здравјето доколку се користи неправилно. Имено, во филтрите се собираат бактерии, вируси, габи и грини, кои можат да предизвикаат голем број здравствени нарушувања, од кои најчести се респираторните инфекции.
Поради тоа, во летните месеци се чести настинки, кивање, акутни воспаленија на грлото, средното уво, бронхиите, а понекогаш и пневмонија. За да се спречи ова, редовното чистење на филтерот на климата е задолжително.
Од друга страна, ниските температури во просторијата може да доведат до влошување на состојбата кај луѓето кои страдаат од болести на коскениот и зглобниот систем, а поради ефектот на студот врз крвните садови, луѓето со кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања, исто така, може да почувствуваат непријатност. Неправилната употреба на климатизерите исто така може да предизвика вкочанетост на мускулите на лицето, болка и вкочанетост на вратот, проблеми со видот кај луѓето кои носат контактни леќи, конјунктивитис, чешање и сува кожа.
На многу луѓе не им одговараат ненадејните и чести промени од топло во студено. Затоа, важно е да се земе предвид разликата во температурата помеѓу надворешната средина и просторијата. Не треба да биде повисока од осум степени. Ова значи дека ако надворешната температура на воздухот е 35 степени, во просторијата треба да биде околу 27.