По направените шест сезони и два филма, жените кои ја олицетворија сексуалната сцена во 90-тите се враќаат на малите екрани. Серијата со десет епизоди ќе се емитува на HBO Max
Официјално започна снимањето на серијата „And just like that…“, рестартирањето на култната серија „Сексот и градот“. Сара Џесика Паркер (56) ќе ја отелотвори колумнистката Кери Бредшо, Синтија Никсон (55) ја игра адвокатката Миранда Хобс и Кристин Дејвис (55) вечната романтичарка Шарлот Јорк.
– Како и во реалноста, луѓето влегуваат во вашиот живот и потоа заминуваат. Некои пријателства избледуваат и започнуваат нови“, го објасни отсуството на ликот Саманта Џонс, режисерот на програмата на ХБО, Кејси Блојс.
Тој исто така рече дека продолжението не се обидува да биде нова верзија на „Сексот и градот“.
– Не се обидуваме да кажеме дека овие ликови сè уште живеат како да се во триесеттите години. Ова е приказна за жените во педесеттите години и тие се соочуваат со сите работи што им се случуваат на луѓето во тие години – рече тој.
Серијата ќе ги следи Кери, Миранда и Шарлот додека се движат по патувањето од комплицираната реалност на животот и пријателството во 30-тите години до уште покомплексната реалност на животот и пријателството во 50-тите, според синопсисот објавен во јануари.
Првите фотографии од снимањето ги воодушевија љубителите на модата кои веќе ги анализираат комбинациите на облеката на нивните омилени ликови. Нивниот стил е многу препознатлив. Така, адвокатката Миранда е облечена практично и удобно, Шарлот и понатаму е верна на класичната елеганција и шик парчиња, а Кери е, очекувано, модно најразиграна и најефектна.