Постојат неколку фактори кои треба да влијаат на оваа навика …
Кога станува збор за носење градник, искуствата и ставовите на жените ширум светот се поделени, некои ги носат 24 часа на ден, дури и кога спијат, некои едвај чекаат да ги соблечат, додека некои никогаш не ги носат.
Ако сте се прашувале дали е здраво да носите градник постојано или воопшто да не го носите, еве го одговорот. Имено, нема студии кои потврдуваат дека носењето градник во текот на денот е лошо и може да го загрози здравјето, и обратно. Всушност, се е прашање на избор.
Спиење со градник: Кога и зошто?
На оваа одлука влијаат неколку фактори.
Големина на градите и чувствителноста – Жените со поголеми или чувствителни гради кои се болни на допир често избираат меки, понекогаш спортски градници кои ги носат за време на спиењето.
Жените кои дојат, особено во почетокот, спијат во градници за доилки за оптимална удобност.
Девојките со почувствителни брадавици претпочитаат да спијат во градник, бидејќи материјалот на ноќната облека или пижами може да биде премногу груб за нив.
Дали носењето градник додека спиеме го спречува опуштањето на градите?
За жал, одговорот е не. Опуштањето на кожата на дојката е под влијание на бројни фактори како што се возраста, бројот на бремености, индексот на телесна маса, генетиката, хормоналните промени за време на бременоста и тежината на самото ткиво на дојката.
Ако сакате да спиете во градник, советот е да изберете спортски градници кои ќе држат се на место, а жиците и прерамките нема да ве повредат и ќе ви биде поудобно.
Исто така, земете го предвид материјалот на градникот и претпочитајте да изберете памук, за да може кожата на градите да дише и да спречите можни габични инфекции.