Австралиската влада не му дала гаранција на Новак Ѓоковиќ дека ќе биде прифатено неговото медицинското ослободување за да влезе во земјата без да е вакциниран против ковид-19, изјавија денеска владините адвокати пред сослушувањето на тенисерот во австралискиот суд.
Ѓоковиќ ја оспорува одлуката да му се укине визаата за влез во Австралија откако беше запрен при пристигнувањето на аеродромот во Мелбурн во четвртокот.
Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ соопшти дека српскиот играч имал проценка од Министерството за внатрешни работи дека неговите одговори на барањето за влез на патници во Австралија укажуваат дека тој ги исполнува условите за влез без карантин во земјата. Но, во поднесокот на владата до судот, објавен доцна во неделата навечер, се вели дека тоа не е гаранција „дека неговото таканаречено медицинско ослободување ќе биде прифатено“, а неговите одговори може да бидат испитани и проверени по неговото пристигнување во Австралија.
Поднесокот на владата, исто така, го спори барањето на Ѓоковиќ за медицинско ослободување од барањата за вакцинација на Австралија врз основа на тоа дека тој се заразил со ковид-19 во средината на декември.
Шефот на Австралија опен, Крег Тајли денеска ги обвини конфликтните и брзи менувања на директивите во „предизвикувачко опкружување“ за конфузијата што резултираше со повлекувањето на визата на Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ се надева дека ќе го освои својот 21 грен слем на Австралија опен, кој ќе започне во Мелбурн на 17 јануари.