
Речиси 50 години откако Сачин Литлфедер излезе на сцената на Оскарите во име на Марлон Брандо за да проговори за портретирањето на Индијанците во холивудските филмови, Академијата за филмски уметности и науки ѝ се извини за злоставувањето што го претрпе.
Филмскиот музеј на Академијата во понеделникот објави дека ќе биде домаќин на Сачин, која сега има 75 години, на вечер на „разговор, исцелување и славење“ на 17 септември.
Кога Брандо ја освои наградата за најдобар актер за „Кум“ во 1973 година, ЛитлФедер, облечена во фустан од кожа и мокасини, излезе на сцената и одржа говор, со што стана првиот домороден Американец што го сторил тоа на Оскарите.
Кога таа се појави во име на Брандо во 1973 година, Литлфедер, тогаш 26, рече дека Брандо ѝ наложил да не ја допира статуетката Оскар, според Холивуд Репортер.
Литлфедер во својот говор рече дека „(Брандо) не може да ја прифати оваа многу дарежлива награда со големо жалење поради третманот на американските Индијанци денес од страна на филмската индустрија…“
Тогаш некои луѓе од публиката ги исвиркаа нејзините изјави. Во годините оттогаш, Литлфедер рече дека била исмејувана, дискриминирана и лично нападната поради нејзиното кратко појавување на доделувањето на Оскарите.
Музејот на Академијата испрати писмо со извинување до Сачин Литлфедер за сето ова.
– Злоупотребата што ја претрпевте поради оваа изјава беше неоправдана. Емоционалниот товар што го преживеавте и цената на вашата кариера во нашата индустрија е непоправлива. Предолго храброста што ја покажавте остана непризнаена. За ова, го нудиме нашето најдлабоко извинување и нашето искрено восхитување“, ѝ напиша Дејвид Рубин, претседател на Академијата за филмски уметности и науки на Сачин Литлфедер, пренесува Дејли Мејл.
Сачин Литлфедер изјави за Холивуд Репортер дека била „зачудена“ кога Академијата ѝ се извинила.
– Никогаш не мислев дека ќе го доживеам денот кога ќе го слушнам ова, ќе го доживеам ова – изјави Сачин Литлфедер.
Да се потсетиме на нејзиниот говор на Оскарите во 1973 година: