Спиењето на стомак на многумина им е омилена положба, но тоа носи низа здравствени и естетски ризици.
Ортопедите предупредуваат дека спиејќи во оваа положба, го исправуваме природно закривениот долен дел на грбот, што може да резултира со утрински болки во ‘рбетот.
Друг проблем е тоа што кога спиеме на стомак, обично главата ни е свртена на едната страна, што неповолно влијае на цервикалниот ‘рбет (вратот), лигаментите и мускулите покрај ‘рбетот. По спиењето во оваа положба можна е појава на утринско трпнење во рацете и нозете.
Спиејќи на стомак поминуваме долго време потпрени на еден дел од лицето, што предизвикува создавање на брчки и подуеност на лицето.
Ако спаѓате во упорните спијачи на стомак, обидете се уште вечерва да ја промените положбата.
Експертите се согласни дека најздраво е да се спие на грб. Тоа е добра положба за ‘рбетот, за здравјето на внатрешните органи, па дури и за слабеењето. Тие препорачуваат и да ставате перниче под колената за ‘рбетот да се намести во оптимална положба.
Сепак, спиењето на грб има и една маана – не е добро за лицата кои ‘рчат, затоа што јазикот паѓа и постепено ги затвора дишните патишта што предизвикува рчењето да биде уште поинтензивно.