ЗОШТО НИ Е ПОТРЕБЕН ВИТАМИНОТ Б6?
Витаминот Б6 (познат и како пиридоксин) е витамин растворлив во вода. Тоа значи дека нашето тело не може да го складира долго време и дека треба постојано да се внесува, основно преку исхраната.
Една од поважните функции на витаминот Б6 е тоа што му помага на имунолошкиот систем да произведува антитела, коишто му се потребни на организмот во борбата со болестите.
Витаминот Б6 ја поддржува нормалната функција на нервниот систем, активно учествува во формирањето на црвени крвни зрнца, ублажува мачнина, го штити организмот од кожни заболувања и од грчеви. Исто така е неопходен за потполна апсорпција на витаминот Б12.
Овој важен витамин е потребен за балансирање на хормоните кај жените и балансирањето на натриум и калиум. Познато е и дека витаминот Б6 заштитува од многу видови на рак.
Витаминот Б6 е полезен за децата кои имаат потешкотии со учењето, а помага и против првут и егзема.
СИМПТОМИ ПРИ НЕДОСТИГ НА ВИТАМИН Б6
Недостигот на витамин Б6 предизвикува дерматитис, го поттикнува развојот на артритис, атеросклероза и појава на болести на црниот дроб.
Иако недостигот на овој витамин е реткост, сепак има веројатност да се појави. Најчесто тоа е проследено со недостиг и на други витамини од групата Б.
Некои од најчестите симптоми при недостиг на витамин Б6 се:
- замор и исцрпеност;
- нервоза;
- анемија;
- депресија;
- проблеми со концентрацијата или проблеми со памтењето;
- кожни заболувања;
- главоболка;
- грчеви или вкочанетост.
Ризикот од недостиг на овој витамин е зголемен кај постарите луѓе, кај алкохоличарите и кај лицата подложени на дијализа. Се знае дека пушачите треба да внесуваат двојно повеќе витамин Б6 во споредба со непушачите.
ПРЕДОЗИРАЊЕ СО ВИТАМИН Б6
Преголемите дози на витамин Б6 може да предизвикаат нервни нарушувања, загуба на осетот во нозете, загуба на рамнотежа и истрпнување. Во ретки случаи може да се појават и алергиски реакции, чувствителност на сончева светлина или загуба на апетитот.
За потполно оздравување од предозирањето неопходно е да изминат 6 месеци.
ПРЕПОРАЧАНИ ДНЕВНИ ПОТРЕБИ НА ВИТАМИН Б6
Препорачаните дневни потреби на витамин Б6 варираат по пол и возраст.
- Деца (0-6 месеци) – 0,1mg;
- Деца (6-12 месеци) – 0,3mg;
- Деца (1-3 години) – 0,5mg;
- Деца (4-8 години) – 0,6mg;
- Мажи (9-13 години) – 1,0mg;
- Мажи (14-50 години) – 1,3mg;
- Мажи (51 година и нагоре) – 1,7mg;
- Жени (9-13 години) – 1,0mg;
- Жени (14-50 години) – 1,2mg;
- Жени (51 година и нагоре) – 1,5mg;
- Бремени жени (19 години и нагоре) – 1,9mg;
- Доилки (19 години и нагоре) – 2,0mg.
ХРАНА БОГАТА СО ВИТАМИН Б6
Витаминот Б6 е најзастапен во гравот, мешунките, јаткастите плодови, зеленчукот (моркови, спанаќ), јајцата, месото, рибата и житарките. Најголеми извори на витамин Б6 се лососот, пилешкото, бананите, авокадото и тиквичките.
Готвењето и преработката на горенаведените продукти доведува до загуба на големо количество витамин Б6. На пример, конзервираните зеленчуци содржат 60-80% помалку хранливи материи од свежите, а замрзнатите губат 15% од витаминот Б6 што го содржат.