Штрудлите ги сакаат и децата и возрасните, тие се идеално слатко после ручекот, но и ужина што ќе ве засити.
Многумина бегаат од правење на овој десерт токму поради комплицираниот начин на приготвување, меѓутоа, кога ќе погледнете малку подобро, ќе видите дека има и поедноставни рецепти за овој прекрасен деликатес.
Состојки:
За кората:
100 мл млеко
100 мл јогурт
20 гр квасец
околу 400 гр брашно
1 прстофат сол
1 жолчка од јајце
1 dl масло
1 лажичка шеќер
За полнење:
200 гр мелени ореви
100 гр шеќер
За премачкување:
1 изматена белка од јајце
За посипување:
шеќер во прав по вкус
Подготовка:
Загрејте го млекото и кога ќе е млако ставете ги квасецот, шеќерот и една лажичка брашно, па оставете да отстои десетина минути. Потоа додадете јогурт, масло, жолчки и прстофат сол.
Измешајте сè и постепено додавајте брашно додека не добиете мазно и меко тесто, па оставете го да стаса. Готовото тесто поделете го на два дела и расукајте го во правоаголник што е можно потенок.
Измешајте мелени ореви и шеќер и нанесете половина на првата кора, притиснете со раце, па свиткајте во ролат. Повторете ја постапката за втората кора.
Секој ролат исечете го на помали штрудли и наредете ги на плех обложен со хартија за печење. Секоја штрудла премачкајте ја со изматена белка и веднаш печете ја во загреана рерна на 200 степени околу половина час, а готовата штрудла извалкајте ја во шеќер во прав.