Врската е завршена. Партнерот го напуштил вашиот живот. Има денови кога мислите дека ви е подобро без него и дека сето тоа била една голема грешка што требала да се случи за да научите нешто и да пораснете како личност. Но, има и други денови. Оние кога не можете да станете од креветот, кога размислувате што би можеле да направите и каде би завршиле ако нешто било малку поинаку.
Раскинувањето е секогаш тешко. Без разлика дали имате 17, 30 или 50 години – секогаш се прашувате во главата „Дали можеше да биде поинаку?“. Немаме одговор на тоа прашање, но доколку сте преокупирани со неуспешната врска со месеци по раскинувањето, постои шанса и понатаму да сте заљубени во поранешниот партнер. Ви носиме знаци кои сугерираат дека сеуште (иако го мислите спротивното) не сте ја надминале поранешната љубов. Признавањето е првиот чекор на патот кон опоравувањето.
Размислувате „што би било кога би било?“
Лежите во креветот и гледате во ѕидот спроти себе и размислувате за – бившиот партнер. Иако вашата врска е завршена и треба да продолжите понатаму, нешто ви го преокупира умот и ве враќа во деновите кога сте биле заедно. Размислувате што навистина не е во ред меѓу вас и како дошло до раскинувањето. Бидете свесни и престанете со таа проценка на минатиот живот кој е завршен, и очигледно со причина. Обично ќе си поставувате различни прашања веднаш по раскинувањето, но ако дури и по неколку месеци размислувате „што би било кога би било“, веројатно сè уште не сте го надминале.
Го посетувате профилот на социјалните мрежи
Знаеме дека сте навикнати да го барате профилот на бившиот или бившата уште од времето кога сте биле во врска. Навиката е гадна работа и тешко е да се ослободите од неа, но сега е време. Ова опсесивно однесување лошо влијае на вашето опоравување од врската. Постојаното копање по профилот и ’следење’ каде е, со кого е и што прави е крајно нездраво за вашата психа и е еден од сигурните показатели дека сè уште не сте ја преболеле врската.
Жалите за поранешниот
Ова не е чудно веднаш по раскинувањето. Природно е да тагувате за личност на која сте и дале дел од себе, но ако забележите дека постојано се враќате во времето и ги преокупирате мислите со настани кои одамна ги нема, жалите што сте раскинале и постојано го споредувате со други момци кои се обидуваат да влезат во вашиот живот, можеби не сте го преболеле до крај. Ќе мора да поработите на себе доколку сакате да го олесните овој период, во спротивно ова може да биде многу тежок период за вас.