Секое домаќинство има свое правило
Соблекувањето на чевлите при посета на гости е незаменливо правило и обичај во многу земји.
Освен од хигиенски причини, чевлите се соблекуваат и за да се покаже почит кон домот во кој влегувате.
Секако, секој домаќин има свое правило, а сигурно е дека и вие сте се нашле во ситуација да размислувате дали треба да ги соблечете чевлите или не.
Да ги соблечете или не?
Соблекувањето на чевлите во куќата на домаќинот не е само прашање на удобност, туку и знак на почит кон домот во кој влегувате. Така, на Блискиот или Далечниот Исток, гостите кои не ги соблекуваат чевлите се сметаат за груби. Покрај тоа, народите на Далечниот Исток веруваат дека е многу културно да ги соблечете чевлите и да ги оставите вашите грижи и тешкотии во чевлите на вратата.
Во Јапонија да не ги соблечете чевлите на врата би значело и непочитување на домаќинот, а оваа практика не им е туѓа ниту на некои скандинавски земји. Од друга страна, во Лондон, Берлин, Рим е апсолутно незамисливо да ги соблечете чевлите и да шетате боси по нечиј стан.
Во Македонија, пак, мислењата за ова се поделени. Соблекувањето на чевлите се почитува првенствено поради хигиенски причини, но бонтонот потоа бара домаќинот да обезбеди доволен број влечки за гостите.
Во формални прилики како забави, родендени или други големи куќни собири, не се очекува гостите да ги соблекуваат чевлите. Но, да се влезе во нечиј дом со многу извалкани чевли е крајно нечувствително и некултурно.
Дилемата „да се соблечам или не“ најдобро се решава ако не сте првиот гостин на прославата – ако видите куп чевли во ходникот, знаете што да правите. Друг случај кога оваа дилема не постои и кога треба да ги соблечете чевлите е дождлив или зимски ден, кога чевлите ви се покриени со кал, а не е во ред да оставате вода и кал низ нечиј стан.
Мислењето дека не треба да ги соблекувате чевлите пред вратата на домаќинот доаѓа од времето кога гостите се примале во салони и простории кои биле наменети исклучиво за тоа. Ваквите простории најчесто немале теписи и биле наменети за собирање на голем број гости, но блиските луѓе кои биле примени во „интимните“ делови од куќата сепак морале да ги соблечат чевлите.
Од хигиенска гледна точка, соблекувањето на чевлите е неопходно, без разлика чија е куќата – туѓа или ваша. Според експерт за заразни болести, соблекувањето чевли од медицинска гледна точка е апсолутно оправдано. Табаните имаат најголема концентрација од сите видови микроорганизми, делови од инсекти и нечистотија. Чевлите не треба да се носат во спални, а особено не во детските. Прашината од подот е заразна и алергенска, особено ги загрозува малите деца кои сè уште не прооделе и луѓето кои страдаат од астма. Бактеријата ешерихија коли е само еден од низата патогени кои можат да се пренесат со газење со чевли низ станот.
Гледајќи го бонтонот, соблекувањето на чевлите можеби не е според правилата на нашата култура, но сепак можеби е подобро да се заобиколи правилото за добро однесување и да се размислува за здравјето.