Огромен број луѓе избегнуваат да јадат навечер, односно пред спиење, најмногу поради мислењето дека ова може да води до дебелеење. Но колку вистина има во ова верување?
Јадењето пред спиење е најголем „грев“ за луѓето кои сакаат да ослабат или да ја одржат оптималната телесна тежина. Сето ова поради верувањето дека ако јадете навечер, организмот нема да може да ги согори калориите, па најверојатно ќе качите некој килограм.
Според нутриционистите и науката, јадењето навечер може да биде причина за дебелеење, но ова во голема мера зависи од храната што се консумира.
Односно, дефинитивно не е исто ако навечер изедете салата или цел хамбургер. Истовремено, експертите сметаат дека голем удел има и самиот организам на личноста, заедно со физичката активност.
Што велат нутриционистите?
Изгледа дека многу нутриционисти се согласуваат дека јадењето навечер и не е толку лошо, сè додека внимавате што внесувате.
Според Менди Енрајт, нутриционистка и авторка на книгата „30-Minute Weightloss Cookbook“, многу поважна е каква храна јадете, а не кога ја јадете.
„Реално, колку и што јадете е исто важно, ако не и поважно од тоа кога јадете“.
Слично мислење има и нутриционистката Џенифер Фиск од Тексас, која смета дека луѓето веруваат во ова бидејќи не размислуваат за сите опции и за фактот дека храната што се внесува е многу поважна од периодот од денот.
„Најчестата причина за тоа зошто луѓето избегнуваат да јадат навечер е дебелеењето. Јадењето навечер неретко е поврзано со недостаток од самоконтрола и јадење нездрава храна. Многу од моите клиенти не ги ни читаат текстовите чии наслови ги гледаат и не анализираат. Тие, едноставно, се држат само до тоа дека не смеат да јадат навечер и толку“.
Според Аманда Липтак, нутриционист од Охајо, нејзините клиенти обично веруваат дека високиот холестерол е директна последица од јадењето навечер, но таа вели дека ова и не е баш точно ако станува збор за здрав и лесен оброк.
Што велат истражувањата?
Нутриционистите и експертите тврдат дека за слабеење или одржување на килограмите, најважно е колку калории ќе внесете, а колку ќе потрошите. Ако сакате да ослабите, во текот на денот мора да истрошите повеќе калории отколку што сте внеле. Ако сакате да ја задржите сегашната тежина, не треба да внесувате повеќе калории отколку што ќе согорите во текот на денот. Ова правило важи без разлика дали јадете наутро, попладне или навечер.
Што значи, ако во текот на денот внесете помалку калории од вообичаено и оставете простор за доцен оброк, тој оброк нема да ве здебели.
Истражување направено од страна на Journal of Obesity во кое учествувале 20.000 жени од Јапонија покажало дека оние кои јаделе доцна навечер, обично го прескокнувале појадокот и, на некој начин, не внесувале дополнителни калории. Сепак, во овој случај проблемот е прескокнувањето на појадокот – ако обично редовно појадувате, кога ќе го прескокнете појадокот поголема е веројатноста да се прејадете за време на ручек, а ова може да биде причина за дебелеење.
Друго истражување покажало дека јадењето навечер е причина за дебелеење, но проблемот е што било направено на глувци, а не на луѓе, па експертите сметат дека не е релевантно.
Кога, пак, станува збор за луѓе кои се многу физички активни, односно спортисти и слично, јадењето навечер може да биде и корисно. На овие луѓе им требаат повеќе калории, а се покажало и дека јадењето навечер може да помогне во закрепнувањето на нивното тело по напорниот тренинг.
Па, дали јадењето навечер е добро или лошо?
Иако сите експерти се согласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за оваа проблематика, не е лошо ако јадете и навечер.
Сепак, ако планирате да јадете навечер, во текот на денот внесете помалку калории, а доцниот оброк нека биде нешто лесно, како салата, житарици, овошје…
Секако, ова не важи доколку следите некој одреден план на исхрана, бидејќи секој тип на диета има различни принципи на кои функционира. Исто така, секое тело различно реагира, па најдобро е да знаете што е најдобро за вашето тело.