Ги сменивте навлаките за перници, го префарбавте најголемиот ѕид во дневната соба или купивте нов тепих, но нешто едноставно не ви изгледа како што треба и не можете да сфатите што – дали ви звучи познато?
Ако ви се случило ова, голема е веројатноста во вашиот дом да владее она што дизајнерите на ентериер го нарекуваат стилски хаос. За да создадете убав и посакуван изглед, време е да исфрлите нешто, а според советите на експертите за уредување на домот, најдобро е да започнете со овие седум елементи кои излегле од мода.
Монохроматски кујни
Целосно белите кујни ги бројат последните денови.
– Како што луѓето поминуваат повеќе време во своите домови, тие копнеат за боја, дезен и текстура – вели експертот за внатрешен дизајн Гил Волш, додавајќи:
– Црните апарати и детали како рачки, сјајни или мат, ќе бидат присутни во кујните во 2023 година. Комбинацијата на црно со пригушено зелено е добар избор за висечки елементи каде што можете да прикажете шарени садови на отворени полици.
Дури и љубителите на целосно бели и крајно неутрални кујни можат да направат неколку промени доколку им здодее тој монохроматски изглед. Одлучете се за нови врати на кабинетот или обидете се да закачите светла над островот или барот.
Простори со отворен план
Дизајнерката на ентериер Керол Ланг верува дека домовите со отворен план повеќе нема да бидат толку пожелни. Тоа го потврдуваат и нејзините искуства со клиентите – голем број луѓе биле принудени да ги претворат своите домови во импровизирани домашни канцеларии, а токму тоа им ги покажало „големите предности на вратите“. Тоа не мора да значи дека затворените простории сега се во мода, туку се работи за нијанси.
– Веќе не добивам барања за целосно отворени подови, туку клиентите бараат еден голем простор со сателитски соби – вели овој дизајнер, истакнувајќи дека таквите простори се одвојуваат или спојуваат по потреба.
Текстурирани тавани
Некои домови сè уште имаат нерамни тавани кои изгледаат како пуканки. Ако таков е и вашиот, време е за промена. Линда Смит, исто така дизајнер на ентериер, вели дека вреди да се погледне што е над вас.
– Дали вашиот таван има текстура на пуканки или мазна текстура? Време е да ги измазнете тие места и да ги обоите со неутрална боја. Иако овој изглед беше популарен пред неколку години, побезбедно е да се вратите на поедноставен изглед и да додадете текстура во вашиот дом на други начини.
Немање трпезарија
Релативно неодамна, трпезариите почнаа да стануваат непотребни простори. Посветувањето на цела соба само за јадење и забава изгледаше непотребно, особено во малите домови, дури и во последните неколку години од пандемијата. Но, тоа сега се менува.