Здравите нокти се мазни и имаат конзистентна боја. Со возраста тие можат да станат кршливи или да се развијат вертикални неправилности на самиот нокт. Станува збор за безопасни промени, но постојат одредени медицински состојби кои истотака можат да го променат изгледот на ноктот. Поради тоа, добро е постојано да се следи нивниот изглед и состојба.
Една од најчестите промени е закривувањето, состојба кога ноктите стануваат поцврсти и се закривуваат околку прстите. Станува збор за процес кој обично трае со години. Оваа состојба може да биде резултат на недоволно кислород во крвта и најчесто е поврзана со кардиоваскуларни заболувања, заболувања на црниот дроб или белодробни заболувања.
Белите дамки или линии на ноктите се исто така честа појава. Оваа состојба се нарекува леуконихија, и обично е резултат на мала траума и е безопасна кај здравите поединци. Но, понекогаш леуконихијата е поврзана со нутритивни недостатоци или лоша здравствена состојба. Причината за ваквата појава може да биде резултат на инфективни или системски болести, како и одредени лекови.
Уште една состојба која драстично може да го смени изгледот на ноктот е кога тој се одделува од месото и предизвикува бело обезбојување. Оваа состојба може да биде предизвикана од инфекција, траума или производи кои се нанесувале на ноктот. Псоријазата и болести на тироидната жлезда исто така можат да бидат причина за ваквата појава.
Состојбата каде врвот на секој нокт има темна лента најчесто се должи на стареење, но исто така може да биде предизвикано од конгестивна срцева болест, дијабетес или заболување на црниот дроб.
Треба да имате во предвид дека можете да спречите многу абнормалности на ноктите со тоа што ќе внимавате на нивното здравје. Не ги грицкајте, сечете ги после капење додека сеуште се меки, одржувајте ги чисти и суви и редовно употребувајте лосион за да ги одржувате ноктите и кутикулите хидрирани.