Постигнете совршен ефект
Продорен и впечатлив изглед е нешто што секоја жена сака да го постигне при шминкањето.
Доколку ги нагласите очите, не претерувајте со шминката на усните за вашата шминка да не изгледа пренападно.
А за да постигнете заводлив изглед ќе ви треба само еден производ.
Зборуваме, секако, за ајлајнерот, кој денес доаѓа во најразлични текстури – од меки, кремасти, до мат и покрути. Колекциите нудат различни бои, но црната и кафената генерално се најпрактични. Овој додаток ви овозможува да креирате едноставен стил на пределот околу очите, а најпопуларен е оној во форма на линија до трепките.
Ова му дава на окото поголема елеганција и женственост, а и визуелно го отвора. За драматичност, креирајте мачкин изглед и нацртајте линија кон надворешниот дел на окото. Ова е полесно да се направи со меки моливчиња за очи, бидејќи тие не ја гребат кожата и полесно се нанесуваат.
Посебен ефект ќе постигнете ако на крајот го размачкате моливот со прстите, а резултатот ќе биде рокерски, креативен. Темната линија е добра и под долните трепки, во тој случај врамете го целото око.