Едно од веројатно најчесто поставуваните прашања е зошто се мрси косата и колку често треба да се мие.
Косата се мрси од истите причини од кои се мрси и кожата на лицето, а тоа се жлездите во кожата кои продуцираат мрсна супстанција што се нарекува себум. Себумот ја одржува влажноста и спречува косата да се исуши.
Жлездите што го продуцираат (лојните жлезди) се сместени веднаш до коренот на влакната и се наоѓаат во слојот од кожата наречен дермис. Секретот од лојните жлезди преку каналчиња се пренесува до фоликулот на влакната и на тој начин доаѓаат до кожата на скалпот. Секој човек продуцира различно количество на себум. Многу фактори, меѓу кои генетиката и хормоните, влијаат на тоа колку себум ќе се продуцира во одреден период. Хормоните што се одговорни за создавање на себумот се најактивни за време на пубертетот, па затоа во овој период од животот косата е многу помрсна и честа е појавата на акни.
Колку често треба да се мие косата?
Ова е различно за секој човек, велат експертите, но сигурно не треба косата да се мие секој ден. Честото миење може повеќе да и штети отколку што е добро за косата. Изгледа парадоксално, но луѓето што често ја мијат косата за да ја одржуваат чиста, всушност го сушат скалпот и предизвикуваат поголема продукција на себум – вели Лин Голдберг, дерматолог од Медицинскиот центар во Бостон.
Покрај тоа што треба да се избегнува секојдневното миење на косата, треба да се имаат предвид и неколку други фактори пред да одредите колку често би требало да ја миете косата. Ова се трите главни фактори:
- Типот на кожата
Ако имате нормален тип на кожа (ни премногу сува, ни премногу мрсна), тогаш би требало косата да ја миете еднаш до два пати неделно.
- Видот на косата
Видот на косата влијае на тоа колку брзо себумот од коренот ќе се пренесува по должината на косата. Кадравата коса го успорува ширењето на себумот, па затоа луѓето со кадрава коса доволно е да ја мијат косата еднаш неделно. Од друга страна, луѓето со тенка права коса, веројатно ќе треба да ја мијат косата два пати неделно, а понекогаш и повеќе.
- Обликувањето на косата
Уште еден фактор што треба да се земе во обѕир е начинот и средствата што ги користите за обликување на косата. Доколку косата е оштетена од разните средства за третирање и обликување, косата би требало да се мие поретко. Но, тоа би требало секој индивидуално да го одреди.