Актерката Џоди Комер е најубавата славна личност на светот, според пресметките на британскиот пластичен хирург Џулијан Де Силва, кој го води Центарот за напредна козметичка и пластична хирургија на лицето во Лондон.
Де Силва дошол до овој заклучок користејќи компјутерско мапирање на лицето, многу популарен метод во пластичната хирургија. Овој метод се заснова на „златниот рез“, познат и како „божествен сооднос“.
– Испадна дека таа има најдобри отчитувања за положбата на носот и усните со оценка од 98,7 отсто, што е само 1,3 отсто од совршената форма – рекол Де Силва за „Дејли мејл“.
– Џоди, исто така, имаше најдобар резултат што се однесува до ширината и должината на носот, а беше блиску до врвот во однос на обликот на усните и положбата на очите – рекол тој, додавајќи дека нејзините веѓи покажале најслаб резултат кои имале „само 88 отсто“, што нејзиниот вкупен процент го намалил на 94,52 отсто.
На листата второто место го зазеде актерката Зендаја (94,37 отсто), а третото манекенката Бела Хадид (94,35 отсто), за која претходно се тврдеше дека го има најсовршеното лице на светот. Четврта е пејачката Бијонсе (92,44 отсто), а петта е пејачката Аријана Гранде (91,81 отсто). Ријалити ѕвездата Ким Кардашијан (91,28 отсто) се најде на осмото место.
Де Силва со години го користи овој метод на лицата на славните.
– Овие нови техники на компјутерско мапирање ни овозможуваат да решиме некои од мистериите за тоа што ги прави луѓето физички убави. Таа технологија е корисна и за планирање на операции на пациентите – објаснил тој претходно.
Џоди Комер (29) е британска актерка која се прослави со улогата на Виланела во серијата „Убивајќи ја Ева“. Во изминативе неколку години стана една од најбараните нови актерки, а во 2019 година освои Еми награда за најдобра главна актерка во драмска серија – токму во „Убивајќи ја Ева“. Истата година ја освои и наградата БАФТА.