Британската актерка која се прослави во серијата „Игра на тронови“ Емилија Кларк откри дека ѝ недостасува дел од мозокот по операциите на кои се подложи заради две аневризми.
– Количината на мојот мозок што повеќе не е употреблива… неверојатно е што можам да зборувам, понекогаш артикулирано, и да живеам сосема нормален живот без никакви последици – изјави 35-годишната актерка во емисијата „Sunday Morning“ на BBC.
– Ми недостасува мал дел од мозокот, што секогаш ме тера да се смеам – додала Емилија.
По снимањето на првата сезона од популарната серија во 2011 година, Кларк ја доживеала првата руптура на аневризма, што довело до мозочен удар и субарахноидално крварење.
Поради страв за своето здравје, актерката морала да направи операција на мозокот, поради што не можела да се сети на своето име.
– Страдав од состојба наречена афазија, која е последица на траумата што ја претрпе мојот мозок – напиша таа во 2019 година за The New Yorker.
– Го замолив медицинскиот персонал да ме пушти да умрам. Мојата работа, целиот мој сон за тоа каков би бил мојот живот се заснова на јазикот, на комуникацијата. Без него бев изгубена.
По мрачната и тешка битка со болеста, состојбата на актерката почнала да се подобрува бидејќи афазијата била привремена.
– Ме вратија на интензивна нега и по околу една недела афазијата помина. Можев да зборувам – напиша таа.
Меѓутоа, во 2013 година, таа повторно се соочи со аневризма која требаше да се лекува со операција.
Иако и беше ветена релативно едноставна операција, Кларк рече дека втората била уште поизмачувачка од првата.
– Кога ме разбудија, врескав од болка. Процедурата не успеа. Имав многу крварења и лекарите јасно кажаа дека шансите за преживување ми се неизвесни доколку повторно не оперираат – се присетила актерката.
Откако целосно закрепнала, Кларк одлучи да ја искористи нејзината платформа за да им помогне на другите кои поминале низ слични искуства. Така, таа ја започна добротворната организација SameYou за да собере пари за преживеаните од мозочна повреда и нивните најблиски.