Зимскиот период е еден од најубавите периоди исполнет со семејни и пријателски дружби.
Славите и новогодишните празници се моменти во кои сите уживаме овој период, но и малку се опуштаме кога станува збор за „линијата“.
Прекрасните трпези постојано нè мамат и тераат да си јадеме малку повеќе, а често знае да се претера и со алкохолот, што секако, влијае на качувањето по неколку килца.
Па, за да го избегнете тоа во овие денови, треба да бидете повнимателни, а за тоа постојат неколку трикови.
Колку и да е тешко, вреди да ги пробате за потоа да не се каете, мачејќи се со месеци да ги изгубите килограмите:
Избегнувајте премногу комотна облека
Првото правило до кое треба да се придржувате овој период е да избегнувате растеглива и широка облека.
Доколку постојано сте облечени во комотна и широка облека, може да се случи воопшто да не забележите дека килограмите почнуваат да се познаваат.
Затоа зимата поминете ја во хеланки, тесни туники и зимски фустанчиња, или мажите во панталони и џемперчиња кои не се многу широки, па така постојано ќе сакате да изгледате добро и нема да си дозволувате дебелеење.
Поставете си цел
Не би било лошо да си поставите новогодишна цел пред нова година, како на пример, да се запишете на вежбање од 1-ви јануари. Точно, во тој период има многу празници, но не смеете да си дозволите тоа да биде изговор, бидејќи токму така се дебелееме – „Да поминат празнициве, па ќе почнам“.
Доколку почнете да вежбате уште од почеток на месецот, можеби тоа поинаку ќе влијае на вас и ќе бидете малку повнимателни со исхраната, а истовремено ќе ги трошите внесените калории.
Контролирајте се
И секако, сè би било залудно доколку самите вие немате контрола над себе и не знаете да се сопрете.
Обидете се да не претерувате со количината, иако сакате да пробате од сите традиционални мезенца и јадења. Јадете во мали чинии и избегнувајте прејадување само затоа што храната е слатка.
Не заборавајте и дека пијалаците со шеќери, како и алкохолот исто така влијаат на дебелеењето доколку се претера.
За време на празниците, држете се до виното (умерено) и природните сокови.