За многу луѓе чистењето на куќата е вистински кошмар. Кога ја започнуваме таа работа, гледаме само колку прашина или маснотија се насобирала во некои делови од нашиот дом, а да не сме го приметиле тоа претходно. Најголем предизвик се дефинитивно стаклените површини. На нив се гледа секоја трага од нечистотија и мора темелно да се исчистат
Огледалото е еден од предметите во кои сите уживаме, но неговото чистење е многу напорно. Често се случува по бришењето да изгледа кристално јасно, но по неколку минути повторно се видливи траги од нечистотија или средство за чистење и мора да почнеме од почеток.
Сепак, за секој проблем има решение. Наместо скапи средства за чистење, осврнете се кон оние кои веќе ги имате во вашиот дом, а не сте ни знаеле за нивната повеќекратна намена. Една од нив е оцетот.
Одамна е познато дека едно од најевтините и најефикасните средства за чистење на огледалата е всушност оцетот. Меѓутоа, кога сакате да добиете блескав сјај, потребна ви е топла вода и микрофибер крпа.
Намачкајте ја крпата со оцет и поминете преку огледалото со силни, изедначени потези, па оставете го да се исуши. Резултатот е веќе видлив по само едно бришење. За тврдоглавите дамки, испрскајте го оцетот директно на огледалото со помош на пумпа за прскање, а потоа избришете го со крпа.