Ортопедот д-р Горан Лекиќ за телевизијата К1 истакна дека потпетиците и тесните обувки можат да предизвикаат цела низа деформитети на стапалото, како и дека колку е повисока потпетицата – толку е поголема можноста за развој на разни тегоби.
– Високите потпетици го оптоваруваат предниот дел на стапалото, што доведува до деформитет на малите прсти, болка и оток. Условно кажано, постојат деформитети кои ја менуваат биомеханиката на нашето одење. При нормално одење, петата прифаќа 50 проценти од нашата тежина, додека остатокот од тежината го презема стапалото.
А кога сте на потпетици, подигнати потпетици, предниот дел од стапалото има проблем да го преземе остатокот од телесната тежина и на тој начин се оштетуваат зглобовите – објаснува д-р Горан Лекиќ.
Д-р Лекиќ истакнува дека има повреди кои се директно последица од носењето штикли, меѓу кои е и појавата на буниони.
– Повременото носење високи потпетици нема да направи никаков проблем, но доколку се префрли на долгорочно стоење, долгогодишно носење и шетање во нив, тогаш може да стане проблем. Потпетица од два сантиметри не може да направи штета, а над тоа треба да бидете внимателни – нагласува тој.
Тој наведува дека обликот на стапалото како и генетските предиспозиции влијаат дали ќе дојде до одреден деформитет или не.
– Луѓето кои имаат „египетско стапало“ кај кое палецот е малку подолг, имаат поголема склоност кон деформитети. Со рамно стапало, на пример, се нарушува нормалната шема на одење, се оптоваруваат другите мускули, односно внатрешниот дел на коленото. Ние во народот велиме дека некој има „висок рис“, но тоа доведува до низа нарушувања. Гледајте на стапалото како темел на куќата – советува д-р Горан Лекиќ.
Тој вели дека предност се дава на удобните обувки, од природни материјали, како и пешачењето често, како најдобрата физикална терапија за зглобовите.
– Физичката активност секако треба да се прилагодува со текот на годините. Имате многу производи кои се рекламираат, но факт е дека не можете да пиете ништо за да израснете нова ‘рскавица доколку е оштетена. Добар природен препарат е говедскиот желатин, кој го имате во пихтија – заклучи д-р Лекиќ.