Колку пати сте побарале совет од вашата пријателка што да направите, ако момчето кое ви се допаѓа не преземе иницијатива и не се јавува, а таа ви одговорила: ако му беше грижа, ќе направеше нешто околу тоа или ако сакаше, сигурно ќе ти се јавеше…? Можеби еднаш некому и вие сте го дале истиот одговор. Ова може да биде добар совет, бидејќи во тој случај не го трошите вашето време на личност која наводно од самиот почеток не е доволно заинтересирана за вас. Сепак, не треба да бидеме толку сигурни, за ништо во животот, вклучувајќи го и ова.
Навистина би било идеално сè да е вака едноставно, црно-бело. Сепак, тоа не е случај. Она што овој совет изостанува, е фактот дека не секој маж е ист. Не сите припадници на посилниот пол се екстровертни и доминантни. Како што постојат срамежливи жени, така има и мажи. Има и такви кои имаат изразена социјална анксиозност, па не знаат како да комуницираат со другите, особено со оние кон кои чувствуваат нешто повеќе.
Општеството на мажите им ја наметна улогата на доминантна личност во врската. Се очекува тие да иницираат и први да се јават. Ова може да создаде дополнителен притисок за нив. Освен тоа, не секој го прифаќа одбивањето така лесно. Премногу негативни одговори може да имаат навистина негативен ефект врз самодовербата – тоа нема никаква врска со полот.
Исто така, она за што не се размислува доволно е колку моќ и се одзема на жената, бидејќи таа само треба да седи и да чека да биде избрана. Не е во ред прва да му пише и да го покани на состанок, не е нејзино да му пријде на концерт, прва да го бакне – тоа е машка работа. Жената не бира, таа е избрана.
Овој совет е оправдан ако некој не покажува интерес за вас или само го користи вашето внимание. Меѓутоа, доколку сте сигурни дека постојат искри и дека и се допаѓате на другата страна, заштедете време и направете го првиот потег. Немате што да изгубите, освен да дознаете побрзо на што сте.