Актерот Орландо Блум се присети на тешкиот период кога на 19 години доживеал тешка несреќа, но за среќа успеал да остане жив.
Имено, тој открил дека паднал од третиот кат и така си го скршил грбот.
– Кога имав 19 години, паднав од третиот кат и го скршив грбот. Имав многу среќа што преживеав, ‘рбетниот мозок ми беше недопрен. Сепак, лекарите по несреќата ми рекоа дека можеби никогаш повеќе нема да одам – изјави Орландо Блум, додавајќи дека морал да оди на операција на ‘рбетот и дека опоравувањето било долго.
– Месеците по несреќата беа исклучително тешки. Отсекогаш бев физички активен и одеднаш морав да се одмарам. Болката беше неподнослива – додаде актерот.
Претходно на својот Инстаграм профил објави фотографија на која вози велосипед по несреќата која се случила во 1998 година.
– Избегнав смрт и парализа. Секој ден сум благодарен на екстремитетите кои ми дозволуваат да ги помрднам моите граници и да живеам на работ (сега тоа го правам повнимателно) – напиша тој.