„American Song Contest“ ќе трае речиси два месеци
Конечно започна „American Song Contest“, американската верзија на „Евровизија“, кој ќе трае речиси два месеци. Како што претходно беше најавено, шоуто го водат пејачката Кели Кларксон и раперот Снуп Дог.
Оваа недела, американскиот натпревар за песна го отворија натпреварувачи од американските сојузни држави Арканзас, Конетикат, Индијана, Ајова, Минесота, Мисисипи, Оклахома, Порторико, Род Ајленд, Висконсин и Вајоминг.
Меѓу учесниците имаше познати личности. Државата Конетикат ја претставуваше музичката ѕвезда Мајкл Болтон, кој се претстави со песната „Beautiful World“.
– Имав 34 години кога го имав првиот хит. Беше тоа долго, долго возење – изјави Мајкл Болтон за време на натпреварот.
Сепак, на крајот како најдобар се покажа претставникот на Род Ајленд, натпреварувач по име Хјустон, кој ја изведе песната „Held on Too Long“.
Пред да ја отпее својата композиција, тој изјави дека иако сите мислат дека Род Ајленд е земја која е полна со тениски терени и едрилици, тој наведува дека има и друга страна.
„Не растевме лесно. Имаше Божиќни празници кога немавме храна. Тоа е нешто што не ве напушта“, вели Хјустон.
Потоа ја изведе својата песна и доби поддршка, но и директен пласман во полуфиналето, пишува „Дејли мејл“.
– Го допре моето срце, другар. За малку ќе ме расплачеше. Не би требало да плачам – изјави водителот Снуп Дог.