За многу Британци, Божиќ значеше и традиционално обраќање на кралицата на 25 декември, а тоа ќе се промени бидејќи, како што знаеме, покојната Елизабета Втора повеќе не е меѓу нас. Што ќе значи ова за празнувањето на тој празник, кој во таа земја во голема мера го слават членовите на кралското семејство, додека владетелот е и поглавар на црквата, е прашањето со кое деновиве се занимаваат на островот.
Кралицата секоја година го организираше Божиќ во Сандрингем, а оваа традиција ќе продолжи и по неа. И оваа година на тој имот ќе се собере кралското семејство, бидејќи, како што е потврдено, кралот Чарлс Трети ќе ја продолжи оваа традиција. Ова ќе биде и првпат семејството целосно да се собере по 2019 година, бидејќи изминатите две години беа многу погодени од пандемиските услови.
Принцот и принцезата од Велс и сите нивни деца ќе учествуваат во божиќната прошетка до црквата Света Магдалена, а со нив за прв пат ќе биде и најмладиот принц Луис.
Иако членовите на кралското семејство оваа година се враќаат во Сандрингам, кралските експерти веруваат дека сега без кралицата, која го држеше семејството заедно, помладите членови на семејството можеби ќе сакаат да ги прослават празниците „на свој начин“.
„Помладите членови на кралското семејство веројатно ќе сакаат да поминуваат повеќе време со своите семејства, па мислам дека дводневните, па дури и тридневните прослави би можеле да бидат минато. Без кралицата да ги држи уздите во семејството кое често било фрагментирано , можеби ќе одлучат да организираат нешто свое. Ова ќе биде прв пат по турбуленциите кои следеа по нејзината смрт, да застанат за момент, како семејство, да се сетат на се и да кренат здравица во нејзина чест“, изјави кралскиот експерт Џени Бонд.
Друга промена на традицијата на Сандрингам е што се очекува кралицата консорт Камила да ги покани и нејзините деца.
Кралицата Елизабета одржуваше божиќен говор секоја година откако владееше, освен во 1969 година. Сепак, кралот Чарлс ќе биде првиот машки монарх кој ќе одржи телевизиски божиќен говор. Се очекува новиот владетел да ѝ оддаде почит на својата покојна мајка.