Документарната серија за Дејвид Бекам, која ја снима Нетфликс, ќе содржи мешавина од досега невидени лични архивски снимки од последните 40 години на поранешниот капитен на англискиот фудбалски тим, како и интервјуа со пријателите, семејството и фигури од светот на фудбалот кои беа дел од неговата кариера, објавија медиумите во Англија.
Откриено е дека серијата од повеќе делови ќе ги истражува скромните почетоци на Бекам во источен Лондон, како и неговиот талент и решителност кои го направија еден од најпрепознатливите и најпопуларните спортисти на планетата.
Серијата ќе ја режира и продуцира добитникот на Оскар, Фишер Стивенс, заедно со продуцентот Џон Батсек, добитник на наградата Еми.
Дејвид (47) на Инстаграм објави дека е возбуден поради серијата:
„Возбуден сум што можам да потврдам дека работам на документарна серија за мојот живот и кариера во партнерство со Нетфликс. Серијата ќе содржи невидени архиви, нераскажани приказни, како и интервјуа со луѓе кои биле дел од моето патување. ”
Дејвид Бекам имаше исклучително успешна фудбалска кариера во текот на која играше за Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. За Англија одигра 115 натпревари, додека бракот со пејачката на „Spice Girls“ Викторија Бекам со години го држеше во центарот на светското внимание.