Губењето на косата и либидото треба да се додадат на симптомите поврзани со продолжениот ковид, предупредуваат британските истражувачи.
Тие споредиле речиси половина милион луѓе кои закрепнале од инфекција со SARS-CoV-2 пред средината на април 2021 година без да бидат хоспитализирани со речиси два милиони незаразени луѓе на слична возраст, пол и здравствена состојба.
Севкупно, 62 постојани симптоми биле значително поврзани со инфекција со SARS-CoV-2 по 12 недели, објавија истражувачите во Nature Medicine.
Меѓу најчестите беа отежнато дишење, губење на чувството за мирис, болка во градите и треска, но студијата исто така идентификуваше проблеми со меморијата, неможност за извршување познати движења или команди, инконтиненција на дебелото црево, еректилна дисфункција, халуцинации и оток на екстремитетите како почести кај луѓето со продолжен ковид.
Во споредба со неинфицираната група, оние од заразената група имале речиси четири пати поголема веројатност да пријават губење на косата и повеќе од два пати поголема веројатност да пријават тешкотии со ејакулација или намалено либидо.
Шансите за развој на продолжен ковид беа поголеми кај помладите луѓе, жените и расните малцинства, открија истражувачите.
„Ова истражување го потврдува она што пациентите им го кажуваа на лекарите и на креаторите на политиката за време на пандемијата, дека симптомите на продолжениот ковид се екстремно широки и не можат целосно да се објаснат со други фактори како што се факторите на ризик од начинот на живот или хроничните здравствени состојби“, рече Д-р Шамил Харун од Универзитетот во Бирмингем кој ја водеше студијата.