На сите ни е позната онаа сцена од филм кога човек доживува срцев удар. Обично секогаш станува збор за маж – наеднаш станува, ја турка масата пред себе, се допира за градите, прави гримаси, неговото тело се згрчува и паѓа на земја. Но, не секој срцев удар е ваков, а ако луѓето повеќе знаат за ова, може да има огромно влијание врз нивното здравје.
Според истражувањето на научниците Бред Н. Гринвуд, Сет Карнахан и Лора Хуанг, жените имаат поголем ризик да починат од срцев удар, особено ако нивниот доктор во ургентна е маж. Додека повеќето поп-културни претстави за срцев удар вклучуваат маж, ризикот од срцеви заболувања ги загрозува и мажите и жените. Но начинот на кој срцевиот удар изгледа и се чувствува во машкото тело може да биде многу различен од срцевиот удар кај жените.
Долго време е познато дека по преживувањето срцев удар жените се соочуваат со многу повисока смртна стапка – 26 отсто од жените умираат во рок од една година откако ќе доживеат еден срцев удар, додека кај мажите тоа се 19 отсто. Но, причината за тоа досега беше нејасна. Научниците ги анализирале родовите податоци од 500.000 случаи на срцев удар во Флорида од 1991 до 2001 година и ги поделиле во четири категории: машки доктори што лекувале машки пациенти, женски доктори што лекувале машки пациенти, машки доктори што лекувале женски пациенти и женски доктори што лекувале женски пациенти. Кога го направиле тоа, откриле доста различна шема.
Стапките на морталитет биле прилично стабилни, освен кога машките лекари третирале женски пациенти. Всушност, кога женските пациенти биле лекувани од машки доктори, нивниот ризик за смрт се зголемил за 12 отсто. Само по себе тоа е добра причина да се поттикне разновидноста во медицинската професија.
Ова се ужасни резултати, особено кога ќе се земе предвид фактот дека само 23,5 отсто од докторите во ургентна и 10,8 отсто од кардиоваскуларните специјалисти се жени. Токму затоа е важно да се знае дека знаците за срцев удар кај жената изгледаат различно отколку кај мажите.
Додека и мажите и жените може да почувствуваат огромен притисок во градите при срцев удар, кај жените е поголема веројатноста да почувствуваат други симптоми. Недостигот на здив е чест знак кај жените, а тука се и зашеметеноста, вртоглавицата, притисок во грбот, болка во вилицата и болка во горниот дел на стомакот. Д-р Сузан Штајнбаум, директорка на Институтот за срцеви и васкуларни заболувања во болницата „Ленкос Хил“ во ЊУјорк, вели дека знаците можат да започнат неколку недели предвреме со гадење и недостиг на здив.
– Ако сте навикнати на одредена количина на активност и наеднаш не можете да земете воздух, тогаш треба да се загрижите – вели докторката.
Koга има срцев удар, жената можеби ќе се фати за градите. Без оглед на симптомите, важно е жените да ги сфатат овие знаци сериозно.