Секоја година слушаме исти божиќни песни, всушност целата иста плејлиста која се повторува од година во година и минимално се менува или дополнува. Всушност, се чини дека има многу помали шанси некоја нова песна да влезе во друштвото на божиќните поп стандарди отколку да испадне песна која со години е на таа листа.
Сосема е јасно дека божиќните песни се многу профитабилен дел од музичката индустрија, но дали некогаш сте се запрашале за што всушност се работи? Секако, заработката на уметникот ќе биде многу помала доколку тој не е автор на песната. На пример, се проценува дека Шекин Стивенс заработува меѓу 5.000 и 10.000 фунти годишно од божиќниот хит „Merry Christmas Everyone“, додека во исто време, авторот на песната Боб Хитли заработува шестцифрена сума.
Колку точно заработува авторот или изведувачот од авторските права, тешко е со сигурност да се каже, бидејќи Performing Right Society ја штити приватноста на своите членови и не мора да ги открива овие информации на јавноста. Но, во 2016 година, британскиот Канал 5, по опсежно истражување, објави рангирање на најпродаваните божиќни песни на сите времиња со износите што секоја песна ги носи годишно. Првите пет титули од таа листа заработуваат повеќе од 300.000 фунти годишно.
„Merry Xmas Everybody“, Slade – 1.000.000 фунти
„Fairytale of New York“, The Pogues and Kirsty MacColl – 400.000 фунти
„All I Want for Christmas is You“, Mariah Carey – 400.000 фунти
“White Christmas”, Bing Crosby – 328.000 фунти
„Last Christmas“, Wham! – 300.000 фунти
Најдобриот сингл на сите времиња
А во овогодинешниот извештај на The Independent се наведува дека „White Christmas“ сепак заработува повеќе од 300.000 фунти секоја година. Песната е снимена пред речиси 80 години, во 1942 година, и не е само најпродаваната божиќна песна на сите времиња, туку и најпродаваниот сингл на сите времиња ширум светот, продаден во неверојатни 50 милиони примероци. За споредба, вториот најпродаван сингл „All I Want for Christmas is You“ е продаден во „само“ 16 милиони примероци.
Песната „White Christmas“ е напишана во 1940 година од Ирвинг Берлин, а Бинг Крозби ја изведе за прв пат во радио емисијата The Kraft Music Hall на Божиќ 1941 година. Снимена е за филмот „Holiday Inn“ следната година, и во 1943 година ја освои наградата Оскар за најдобра оригинална песна од филмот. Првата верзија во 1942 година беше уништена од прекумерна употреба, па песната беше повторно објавена во 1945 и 1947 година, и двете реизданија го достигнаа првото место на топ листите на Билборд, што ја прави единствената песна од ист изведувач во историјата која е на врвот на топ листите во три различни години. Верзијата што ја знаеме денес е од 1947 година, а според Гинисовата книга на рекорди е најуспешниот сингл на сите времиња.