Постојано бараме нови идеи и трикови за шминкање, а очекувано, славните кои зад себе имаат бројни соработки со реномирани шминкери имаат и многу трикови во ракавот. Па, не е чудно што најдовме добар и на профилот на TikTok на Селена Гомез.
Пејачката и актерка ја сподели својата рутина за шминкање со нејзините следбеници во видеото (користејќи, очекувано, производи од нејзиниот сопствен бренд Rare Beauty) за, според нејзините зборови, едноставен брз изглед. Тој „брз“ изглед вклучува нанесување подлога, контурирање, полнење на веѓите, руменило, хајлајтер и маскара, а трикот за нагласување на долните трепки е она што најмногу го привлекува вниманието.
Користејќи чиста пинцета, Селена зема маскара од четката, а потоа ги притиска долните трепки со пинцета за да ги истакне во ретро Твиги стил. За разлика од класичното нанесување на маскара со соодветна четка, која им дава волумен и/или должина на трепките и на некој начин ги раздвојува, оваа техника „спојува“ или залепува неколку трепки за поизразен впечаток.
@selenagomez @rarebeauty oh and thank you so much for the support on my new tinted moisturizer!! Means so so much to me!
Дали е ова навистина толку лесно како што изгледа? Моравме веднаш да го пробаме и мораме да кажеме дека – навистина е. Секако, многу зависи од самата маскара – оние со малку прашкаста или посува текстура можеби нема да имаат ист ефект како оние потечните и погустите. Друг фактор што треба да се земе предвид е – дали се плашите од пинцети и дали имате сигурна рака? Затоа што на некои можеби не им се допаѓа пинцетата што им се приближува на окото.
Но, ако тоа не е проблем, ова е добар метод за истакнати очи и нагласени трепки во ретро стил за некое идно вечерно излегување по рецепт на актерката, пејачка и гуру за убавина Селена Гомез.