Веројатно нема човек кој не сака салата од зелка во комбинација со добар ручек, но непишаното правило дека секогаш е подобро кога ќе ја нарачаме, сега конечно е разрешено.
Инаку, нема потреба да потсетуваме каква ризница на витамини и минерали е зелката, се препорачува и за луѓе кои се анемични, боледуваат од Базедовова болест, помагаат при гастритис и чир.
Постојат мали тајни кога ја подготвувате навидум обичната салата. Еден од триковите е што треба да ја оставите сечканата зелка да отстои подолго за да испушти вода и да омекне под влијание на оцетот.
Состојки:
зелка
сол
шеќер
јаболков оцет
маслиново масло
бибер
Подготовка:
Исечкајте ја зелката што потенко и малку посолете ја, па изгмечете ја со раце. Додадете шеќер на врвот на ножот, а потоа измешајте со вилушка и лажица и по можност оставете ја салатата да отстои најмалку десет минути.
Прелијте со јаболков оцет и маслиново масло, измешајте, па дури потоа зачинете со бибер. По желба можете да додадете малку магдонос за декорација.
Ќе забележите дека младата зелка треба помалку да се пасира и да отстои пократко, а белата есенска да се пасира повеќе и да се остави подолго да отстои.