Новата 2022 година е се поблиску, а со неа доаѓаат нови почетоци и нови трендови. Без разлика дали планирате да купите нова кујна или да ја реновирате стара, можете да се инспирирате и од боите кои ќе бидат популарни во декорацијата на кујната во годината што претстои.
На уредувањето на кујната се пристапува со особено внимание и возбуда бидејќи кујната за многумина е централна просторија на домот. А кога ќе дојдат во посета за прв пат, гостите најчесто најмногу ги интересира кујната, па дефинитивно ќе ѕирнат во неа за да видат како е уредена. Секако, покрај естетиката, важно е и кујната да биде функционална, а тоа да се постигне без разлика на квадратурата.
Што се однесува до боите, сигурно нема да згрешите ако ја украсите кујната во бела, дрвени тонови и сина и зелена боја. Овие бои ќе бидат голем тренд во украсувањето на кујните во 2022 година, а комбинацијата на дрвени тонови и бела изгледа особено убаво. Темно сините и темнозелените бои ќе остават впечаток на елеганција и софистицираност и се одличен избор за поголеми површини, додека посветлите нијанси ќе му дадат на просторот свежина и спокојство, а се совршен избор за винтиџ кујни.