Обидот да заспиете може да биде напорна работа. Многу луѓе имаат проблем да се релаксираат кога одат во кревет и да не размислуваат за обврските што ги чекаат следниот ден.
Освен што е фрустрирачка, несоницата може да го зголеми ризикот од многу болести. Луѓето кои не спијат доволно имаат 40 отсто поголеми шанси да заболат од срцеви заболувања и дијабетес кои се предизвикани или влошени од замор, пишува The Sun.
Иако се чини дека многу луѓе кои се борат лесно да заспијат ги испробале сите методи – од шолја топло млеко со мед, до топла купка и „броење овци“ кога ќе ја стават главата на перницата, постои трик во кој луѓето се колнат.
За прв пат се споменува како воена техника во 1981 година во книгата „Опушти се и победи: перформанси на шампион“.
Техниката беше развиена од воени команданти за да им помогне на војниците кои се бореа со замор. Методот е развиен за да им помогне на војниците да заспијат за само две минути и функционира на сличен начин како и медитацијата.
Ако имате потешкотии да заспиете кога ќе легнете во кревет, обидете се сами да ја направите оваа техника.
1. Свесно и намерно опуштете го лицето, вратот и градите
2. Спуштете ги рамената колку што можете, а потоа опуштете ги рацете и нозете
3. Опуштете го секој дел од телото додека не стигнете до врвовите на прстите, а потоа опуштете ги и нив
4. Додека се релаксирате дел по дел од телото, дишете длабоко и ослободете ги сите мисли од главата
По шест недели вежбање, овој метод би требало да даде одлични резултати кај 96 отсто од луѓето кои имаат проблем со заспивањето.
За да можете лесно да заспиете, додека ја правите техниката за релаксација на телото, замислете дека лежите во чамец на сосема мирно езеро со само небото над вас. Или, според советите на експертите кои го осмислиле овој метод, замислете дека лежите во удобна црна мрежа во темна просторија.
Доколку почувствувате дека сте деконцентрирани, повторете си дека не треба да размислувате за ништо десет секунди.
Оваа вежба треба да ја правите секоја вечер шест недели по ред.