Актерката и двократна оскаровка Хилари Свонк и нејзиниот сопруг Филип Шнајдер, со кого е во брак од 2018 година, очекуваат близнаци.
„Има нешто што го чекав многу долго и тоа е мојата следна вест, ќе бидам мајка. Доаѓаат две деца, не ми се верува“, изјави 48-годишната Хилари Свонк во емисијата „Добро утро Америка“. Подоцна во емисијата „Во живо со Кели и Рајан“ таа изјави дека е во второто тримесечје од бременоста и дека се чувствува многу добро.
Членовите на екипата од сетот на серијата „Alaska Daily“ што моментално ја снима актерката, до денес немале поим за нејзината бременост. „Пред неколку дена додека снимав морав да ги пресечам фармерките. Потоа морав да облечам јакна што немаше никаква врска со филмот, па ми рекоа дека морам да ја сменам, а јас реков дека нема да го направам тоа и ќе ја носам јакната што ја одбрав. Прифатија зашто сум продуцент, но коментираа дека ќе биде чудно“, раскажува Свонк.