Пудри, сенки, руменила и кармини, како и креми и лосиони за тело кои содржат сјај се вообичаен избор во текот на пролетта и летото, бидејќи тие ја истакнуваат исончаната кожа.
Но, овие производи, а особено декоративната козметика, може да бидат ризични по здравјето. Имено, експертите од компанијата All About Vision предупредуваат дека парчиња светки од сенките за време на шминкањето можат да стигнат до очното јаболко и да доведат до инфекција, заматен вид, па дури и до оштетување на рожницата.
Иако е сигурно дека ниту една девојка свесно нема да јаде сјај, често се случува несвесно да внесеме светки во телото со грицкање и лижење на усните кои претходно сме ги намачкале со кармин или со сјај.
Сјајните честички од лосиони, креми и спрејови за нега на тело не можат да и наштетат на нашата кожа или здравје, но не се „пријатели на екологијата“. Имено, за време на туширањето тие влегуваат во канализацијата, а потоа завршуваат во почвените и водните површини и таму остануваат недопрени со векови.
Повеќе од 30 проценти од производите со светки содржат микропластика како што е ПЕТ. Микропластиката која завршува во океаните ја јадат рибите кои завршуваат во синџирот на исхрана на човекот. Хемичарот Шери Мејсон предупредува дека здравствените ризици вклучуваат поголеми шанси за развој на малигни заболувања и може да имаат негативни ефекти врз репродуктивното здравје.
Иако светките даваат гламурозен изглед, пред да ги ставите на вашето тело, добро размислете каде би можеле да завршат и какви последици можат да предизвикаат.