Алесандро Микеле го напушта Гучи по седум години како креативен директор, изјавија анонимни извори за WWD. Портпаролката на матичната компанија на Гучи, Керинг, по повеќекратните медиумски прашања изјави дека „нема коментар“, а официјалното соопштение од брендот се очекува во среда.
Еден од изворите вели дека од Микеле било побарано да направи големи промени во дизајнот, но тој не го исполнил тоа. Друг извор тврди дека претседателот и извршен директор на Kering, Франсоа-Анри Пино, размислува за „промена на темпото“ на ѕвездата на Гучи.
Интервенцијата на Пино во работата на клучните брендови Kering не е нова, бидејќи минатиот ноември тој го отпушти креативниот директор на Bottega Veneta Даниел Ли и покрај неговиот голем придонес за брендот и успехот кај критичарите.
Исто како и со Ботега, не е јасно зошто Пино сака да направи драстични промени во Гучи, кој одржа една од повпечатливите ревии на модната недела во Милано во септември. По тој повод, гледачите биле сведоци на возбудлив пресврт, бидејќи во еден момент преградата била подигната и сфатиле дека двете половини од публиката всушност гледаат иста ревија, која ја носеле идентични близнаци.
Микеле изгради ѕвездена репутација благодарение на новиот, андроген имиџ со кој го освежи брендот по софистицираната џетсетерска естетика што ја негуваше неговата претходничка Фрида Џанини. На овој начин тој ја приближи модната куќа до помладата публика, а по неговото назначување во 2015 година, Гучи забележа раст од над 35 отсто во пет последователни квартали.
Алесандро за позицијата креативен директор го избра претседателот и извршен директор на Гучи, Марко Бизари, но еден од споменатите извори тврди дека „идилата“ во нивната врска завршила.