
Вежбањето за време на летните горештини може да биде доста заморно, но во исто време може позитивно да влијае на нашето расположение. Доколку сте од оние кои по никоја цена не би пропуштиле тренинг, следете ги стручните совети од фитнес инструкторот Никола Кргиќ.
– Ако планирате да тренирате надвор за време на тропски бран, важно е тоа да го правите во раните утрински часови или доцна навечер – вели Кргиќ.
– Меѓутоа, доколку тренирате доцна навечер, не заборавајте дека тоа може негативно да влијае на квалитетот на вашиот сон. Станете рано и искористете ја утринската сенка за тренинг, а периодот од 10 до 17 часот поминете го во сенка.
Тој дава насоки кои можат да ви помогнат при тренинзите на отворено.
1. Носете спортска светла облека
Темната облека впива топлина, па ќе почувствувате дека е потопло отколку што е.
2. Не заборавајте на кремата за сончање
Ова е многу важно, особено за луѓето со посветол тен. Исто така, доколку одлучите да трчате, задолжително ставете крема за да не ве измами сонцето.
3. Хидрирајте се
За време на тренингот губиме многу течност преку потта, а во летните месеци двојно повеќе. Доколку не сте доволно хидрирани, големи се шансите да доживеете топлотен удар. Затоа се препорачува да се пијат 300 милилитри вода на секои 20 минути.
4. Јадете пред тренинг
Лубеницата може да биде одличен избор пред да се вклучите во физички напор, поради три причини. Првата е дека има 90 проценти вода, втората е дека има доволно шеќер и третата е дека ја содржи природната аминокиселина цитрулин.
Вежбањето во затворен простор може да биде одлична опција, под услов собата да се лади. Секако, треба да избегнувате директна изложеност на клима уредот, бидејќи кога ќе се загреете и ќе ви дувне нешто ладно во телото, ќе дојде до компензација, а тоа најчесто резултира со вкочанетост.

– Тренингот започнете го со вежби за обликување, бидејќи на тој начин ќе создадете адаптација на температурата. Не заборавајте да правите подолги паузи за време на тренингот и избегнувајте долги тренинзи. Наместо тоа, правете кружен тренинг и искористете ја паузата за хидратација. Најдоброто секако е да пиете вода, но можете да земете и некој спортски пијалок кој содржи електролити – препорачува соговорникот на нашиот портал.
Фитнес инструкторката потсетува дека жештината секако ќе влијае на перформансите на тренингот, но на тоа влијае и храната што ја јадете пред да одите на тренинг.
– Консумирајте свеж зеленчук, со додаток на протеини, како и свежо овошје – советува инструкторот Кргиќ.