Зошто воопшто се дозволи народот да гласа за свој фаворит на домашниот избор на песна за Евровизија, кога на крај последниот збор го имаа пет странци? Волјата на нашиот народ не се испочитува, и ова не е во ред – се дел од бурните реакции на јавноста, по вчерашниот избор на македонски претставник на Евровизија.
Како потсетување, на изборот победи Андреа, со песната ,,Circles” на Александар Масевски. Таа освои 4.300 гласа од онлајн гласањето, додека пак Виктор Апостоловски со песната ,,Супермен” на Владимир Дојчиновски освои речиси три пати повеќе гласови од јавноста, односно 12.621.
Според бодувањето од странската жири комисија, Андреа имаше најмногу поени, но на крај дојде до изедначување на нејзините и поените на Виктор, по што од МРТ соопштија дека според правилник, пресуден е бројот на највисоки оценки од жирито.
На страницата на МРТ1 Промо, нема јавен коментар во кој не се дава забелешка по повод изборот на нашиот претставник.
Нема критики за песната на Андреа, туку револтот е насочен кон организаторот, МРТ, и според реакциите, јавноста е револтирана затоа што наместо гласовите на народот да бидат пресудни во една таква, изедначена ситуација, се дозволило странско жири да ја носи финалната одлука и да одлучува за Македонија.
Од МРТ се уште се немаат јавно огласено по повод реакциите, но уште кога беа промовирани песните посочија дека имаат одреден правилник според кој би се избрал победникот доколку гласовите на кандидатите се изедначени. И останати учесници на изборот за ,,Фокус” потврдија дека биле запознати со правилата на гласање, и кога биле повикани да потпишат согласност, им биле презентирани правилата.
Странската жири комисија пак, која го имаше последниот збор при изборот на нашиот претставник, беше составена од пет члена, личности кои биле дел од евровизиските тимови на своите земји, односно од Малта, Израел, Грузија, Исланд и Ерменија. Како одговорните од МРТ процениле дека токму ова се најкомпетентните и најстручни жири членови, нема појаснување од јавниот сервис. Кога се нивните земји во прашање, досега единствено Израел има освојувано победи на Евровизија, останатите четири никогаш не биле победници на манифестацијата.
Нема одговор и на често поставуваното прашање од страна на јавноста, зошто жирито не било составено од наши еминентни композитори и продуценти, кои се познати на пошироката јавност.
По повод настанот и бурните јавни реакции во кои Виктор ја добива поддршката поради освоениот број на гласови, „Фокус“ разговараше со Владимир Дојчиновски, кој е автор на неговата песна ,,Супермен”.
На прашањето дали смета дека е во ред она што се случи, тој е категоричен.
-Секако дека не е. Проблемот е во тоа што не е испочитувана волјата на народот. Жал ми е што речиси секаде на националниот избор на песна за Евровизија, во една ваква ситуација, предност се дава на мислењето на публиката.
И, секако дека нема резон, петчлено жири да има предност пред над 12.000 гласа на публиката. Концептот на избор мене ми се допадна, но системот е дефинитивно погрешен. Мислам дека за тоа се свесни сите.
Секако дека и песната што победи има свои квалитети, како и сите други коишто се натпреваруваа. Уште еднаш сакам да и посакам успех на Андреа во Торино – изјави Дојчиновски, појаснувајќи дека за изборот на стручното жири е одговорен организаторот.