По навика, кога имаме вишок храна, овошје или зеленчук, тие намирници ги ставаме во замрзнувач.
Но, руската нутриционистка Марија Мухина тврди дека правиме голема грешка бидејќи многу намирници не смеат да се замрзнуваат.
„Замрзнувачот и ниските температури го менуваат составот на некои намирници“, истакна Мухина.
Овој процес е особено штетен за „зелените“ зеленчуци, бидејќи ги уништува хранливите материи, витамини и антиоксиданси со кои се богати.
– Не се препорачува замрзнување билки и зелени зеленчуци. Ако ги ставите на ниски температури им се уништува хлорофилот, се губат витамините и антиоксидантните својства. Остануваат само влакната – истакна Мухина и додаде дека замрзнувањето, а потоа и одмрзнувањето може негативно да влијае на хранливата вредност на зеленчукот кој е богат со вода.
– Не можете да замрзнете зеленчук богат со вода – краставици, домати, тиквички… Тие практично не се јадат бидејќи по одмрзнувањето ја губат структурата и стануваат „гумени“ – наведува таа.
Друг вид на храна кој ги менува своите својства на ниски температури се протеините.
– Протеинските врски се кршат при замрзнување. Не можете да ги замрзнете ферментираните млечни производи, бидејќи по одмрзнувањето тие ќе бидат речиси целосно водени и слични на сурутка – тврди Мухина.
Според неа, студот ја намалува активноста на полинезаситените масни киселини.
– Полинезаситените масни киселини во бадемите, кикириките и лешниците ја губат својата активност со замрзнување. Односно, мешавината од јаткасти плодови по замрзнувачот нема да биде толку квалитетна – прецизира Мухина и истакна дека сирењето и бананите се меѓу намирниците што не треба да се замрзнуваат.