Потребата за вода варира од човек до човек. Исто така и кај еден поединец може да постојат разлики во потребата од консумирање вода во различни периоди од животот.
Најопшта е препораката да се пијат по 8 чаши вода дневно. Се разбира доколку е лето оваа количина може да биде поголема, а за време на зимскиот период помала. После интензивен физички напор секако дека е потребно повеќе да консумирате вода, а доколку седите помалку.
Во продолжение проверете ги знаците кои укажуваат дека можеби не пиете доволно вода:
Имате сува кожа
Околу 65% од нашиот организам се состои од вода, така што внесот на вода влијае на целото тело, а посебно на кожата која е најголемиот орган во нашиот организам. Сувата кожа значи дека ретко се потите, а потењето е еден од главните начини на детоксикација на телото. Ако пиете доволно вода, ќе го хидрирате телото и ќе ја зголемите елиминацијата на токсини. Сето тоа ќе придонесе за поубав и посвеж изглед на вашата кожа.
Имате суви очи
Истражувањата покажуваат дека недоволниот внес на вода може да влијае и на здравјето на очите. Доколку не внесувате доволно течности солзните канали можат да се исушат, што може да го намали влажнеењето на очите и да предизвика пецкање во очите како и црвенило. Гледано на долгорочен план дехидратација може да го оштети и видот.
Имате сува уста
Можеби сте забележале дека кога вежбате или правите некоја физичка активност устата многу бргу ви се суши. Тоа е еден од знаците дека на телото му треба вода. Доколку ви се јави ова чувство немојте да посегнувате по газирани и слатки пијалоци. Во моментите после физичка активност пијте исклучиво вода со цел да ги надополните загубените резерви преку потењето.
Постојано се чувствувате уморно и исцрпено
Причините за замор можат да бидат најразлични и тоа: недоволен внес на калории, недоволно сон, стрес, хормонска нерамнотежа и сл. Имајте во предвид дека дехидратацијата е еден од најзначајните фактори кои предизвикуваат замор и исцрпеност. Причината лежи во фактот што водата е неопходна за одвивање на скоро сите метаболички процеси во организмот, вклучувајќи ги и процесите на клеточно дишење и добивање на енергија од глукозата.
После физички напор мускулите многу бавно ви се опораваат
Брзо опоравување после физички напор овозможува побрзо формирање на мускулно ткиво. Дехидратацијата го попречува овој процес затоа што го забавува процесот на регенерација на мускулното ткиво. Затоа се препорачува да се пие доволно вода, пред, за време и после напорен тренинг.
Постојано сте гладни
Многу луѓе погрешно го толкуваат чувството за жед и за глад. Тоа може да биде една од главните причини зошто постојано се прејадувате. Следниот пат кога ќе почувствувате глад, првин запрашајте се кога последно пиевте вода и проверете се дали можеби не сте жедни. Пробајте пред ручекот и вечерата да пиете по една чаша вода, така ќе ја намалите количината на храна која ја внесувате по оброк.
Имате проблеми со празнењето на цревата
Проблемот со празнењето на цревата е еден од најчестите проблеми од кои пати многу голем % од популацијата. Причините за тоа се многубројни, но недоволниот внес на вода игра значајна улога во варењето на храната и празнењето на цревата. Недостатокот од вода ја намалува перисталтиката и може да предизвика констипација.
Ретко мокрите
Ако не идете да мокрите на секои 3-4 саати тоа значи дека не внесувате доволно течности. Исто така доколку урината има изразено жолта боја тоа значи дека сте дехидрирани. Нормалната боја на урината во текот на денот треба да биде светло жолта до безбојна.
Доколку некој од овие значи ги имате, внесете промени во вашето секојдневие и започнете да се хидрирате. Доволниот внес на течности и вода е многу важен за здравјето!