Без никакви хемикалии
Поддржувачите на природната козметика или луѓето кои имаат преосетлива кожа и бурно реагираат на одредени состојки во купените производи, можат сами да направат сосема безбеден дезодоранс. На тој начин ќе бидат сигурни дека не содржи парабени или алуминиум. Сепак, во почетокот треба да сметаат на фактот дека овој тип на дезодоранси не е особено ефикасна заштита од потење.
За да го подготвите овој природен дезодоранс, потребно е:
6 лажици кокосово масло
4 лажици сода бикарбона
4 лажици пченкарен скроб
етерично масло од лимон.
Најпрво измешајте ги сода бикарбоната и пченкарниот скроб, а потоа додадете го кокосовото масло и добро измешајте. Кога ќе добиете хомогена смеса, додадете неколку капки етерично масло од лимон.
Кокосовото масло има антибактериски и антигабични својства, а и убаво мириса. Сода бикарбоната добро ги апсорбира и неутрализира мирисите, создава базна средина на кожата која не го фаворизира развојот на бактерии. Пченкарниот скроб ќе го згусне дезодорансот, а етеричното масло од лимон ќе биде одговорно за мирисот на свежина.