Во текот на изминатите неколку години, се повеќе луѓе се здебелуваат, а поразителен е фактот дека во 2016 година повеќе од 1,9 милијарди возрасни луѓе имале прекумерна тежина, а 600 милиони од нив биле дебели.
Исто така, се проценува дека во 2020 година, повеќе од 38 милиони деца на возраст под пет години имале прекумерна тежина и тој број сè уште расте.
Една од причините за прекумерната тежина е неконтролираното користење на шеќер во различни намирници и пијалоци. Прекумерната употреба на шеќер во исхраната е поврзана не само со дебелината, туку и со поголем ризик од дијабетес, кардиоваскуларни и други болести.
Затоа, пред повеќе од 50 години, за да го задржат слаткиот вкус и да избегнат големи количини шеќер, многу производители на храна и пијалоци почнаа да користат вештачки засладувачи. Во САД е дозволена употреба на само осум вештачки засладувачи, вклучувајќи го и аспартамот, додека во Европа е дозволена употреба на малку поголем број. Покрај вештачките засладувачи, дозволена е и употреба на шеќерни алкохоли, како што е сорбитолот и тие не се ни сметаат за адитиви во храната.
Повеќето луѓе користат храна и особено пијалоци со вештачки засладувачи за да го намалат внесот на шеќер и на тој начин се обидуваат да ослабат. Досега се сметаше дека вештачките засладувачи не претставуваат значителна закана по здравјето и дека можат да бидат корисни пред се за превенција од кариес и краткорочна контрола на тежината.
Сепак, Светската здравствена организација издаде предупредување во врска со употребата на вештачки засладувачи со цел да се контролира телесната тежина и да се намали ризикот од болести, посочувајќи дека долготрајната употреба на вештачки засладувачи не само што е неефикасна, туку може да предизвика и ризик по здравјето.
Секоја долготрајна употреба, се вели во препораката, го зголемува ризикот од дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања и ја зголемува смртноста кај возрасните. Оваа препорака не се однесува само на оние на кои веќе им бил дијагностициран преддијабетес.