Циметот е зачин кој потекнува од дрвјата на семејството растенија Cinnamomum. Многу интересен факт за него е тоа што тој не се прави ниту од листовите на растението, а ниту од неговиот плод.
Циметот се прави од кората на стеблото и гранките на споменатите дрвја. Ваквите дрвја имаат потреба од високи температури и влажност, па затоа најраширени се околу екваторот, односно јужна Индија, Шри Ланка, Јужна Америка, Карибите итн.
Циметот е достапен во прав или целосен (како парченца од кората на дрвото), но може да се најде и негово есенцијално масло, како и разни форми на суплементи.
Луѓето го користеле уште од далечни времиња и тоа не само како зачин, туку и во природната медицина за третирање на најразлични заболувања, од кашлица до артритис.
Денес, циметот е вториот најпопуларен зачин во западниот свет и кај нас, веднаш зад биберот. Може да се најде насекаде, има ниска цена и се користи во најразлични рецепти.
Затоа, голем е интересот околу циметот, па постојат голем број истражувања кои се занимаваат со неговите составни компоненти и нутритивната вредност.
Во продолжение, што велат овие научни студии и зошто циметот се смета за еден од најздравите зачини кои постојат.
1) Циметот е богат со супстанца со моќни лековити својства
Постојат два вида на цимет: цејлонски цимет (вистински цимет) и касија цимет (циметот кој е најчесто користен).
Овие два вида имаат различна хранлива вредност. Касија видот содржи компонента наречена кумарин, што може да биде штетна доколку се консумира во поголеми количини.
Иако и двата типа на цимет имаат одредени здравствени бенефити, цејлонски цимет се смета многу подобар избор, пред сé поради помалата содржина на кумарин.
Циметот се прави со сечење на кората на споменатото дрвенесто растение од кое се добива. Внатрешниот дел на кората се одделува од дрвенастиот дел и потоа така се користи за добивање на зачинот.
При сушењето на внатрешниот дел од кората, тој се подвиткува во ролни, наречени циметни стапчиња. Потоа, овие стапчиња можат да бидат и фино сомелени.
Специфичниот мирис и вкус на циметот се должат на неговиот масен дел, кој е особено богат со компонентата наречена цинамалдехид.
Според научниците, токму оваа супстанца е одговорна за повеќето моќни здравствени и метаболитички позитивни ефекти на циметот.
2) Циметот е извор на антиоксидативни компоненти со моќно антивоспалително дејство
Антиоксидантите се клучни компоненти во борбата на организмот со слободните радикални кои постојано се создаваат како метаболитички отпад. Слободните радикали водат кон оксидативен стрес, а преголемиот оксидативен стрес кон хронични воспалителни процеси, една од главните причини за повеќето хронични заболувања.
Циметот е особено богат извор на антиоксидативни компоненти, како полифенолите на пример.
Во една студија која ја споредувала антиоксидативната активност на 26 различни зачини, циметот покажал најдбора активност и бил апсолутен победник, дури и во конкуренција на лукот и ориганото.
Една студија вели дека антиоксидативната моќност на циметот е толку добра, што самиот зачин може да се користи и како конзерванс.
3) Моќно анти-дијабетично дејство
Циметот е добро познат по карактеристиката да го намалува шеќерот во крвта.
Повеќе сериозни студии укажуваат дека овој зачин може драматично да ја намали инсулинската резистентност, помагајќи му на хормонот инсулин, полесно да си ја врши својата работа, односно да ја внесува глукозата во клетките.
Покрај корисното дејство во однос на инсулинската резистентност, циметот може да влијае на намалување на шеќерот во крвта преку неколку други механизми.
Прво, студиите покажуваат дека тој го намалува нивото на глукоза која влегува во крвотокот. Тоа го прави преку попречувањето на работата на повеќе дигестивни ензими.
Второ, една негова компонента делува на клетките како прикриен инсулин. Ова придонесува кон зголемување на внесената глукоза во клетките.
Повеќе спроведени студии го потврдуваат анти-дијабетичниот ефект на циметот, укажувајќи дека може да го намали и шеќерот при гладување, дури за 10-29%.
Посочените ефекти циметот може да ги има доколку се внесува често, во количини од 1-6 грами, односно од 0.5-2 кафени лажички дневно.
4) Циметот може да придонесе за подобро кардиоваскуларно здравје
Циметот исто така се поврзува и со намалување на ризикот од кардиоваскуларните заболувања, најчестата причина за предвремена смртност во светски рамки.
Според една студија, кај луѓето со дијабетес тип 2, користењето 1g или околу половина кафена лажичка цимет дневно, покажало корисен ефект за крвните маркери. Намалено било нивото на ,,лошиот” LDL холестерол и маснотиите во крвта, додека нивото на ,,добриот” HDL холестерол останало исто.
Друга, понова студија пак, покажува дека само 120mg цимет дневно, може да дадат ефекти како претходно наведените. Дополнително и да го покачат нивото на добриот холестерол.
Во студиите на лабораториски животни, циметот покажал и својство на намалување на високиот крвен притисок.
Кога сите овие фактори ќ е се искомбинираат, тоа може значително да го намали ризикот од развој на најчестите кардиоваскуларни заболувања.
5) Помош при габични инфекции и бактериски инфекции
Есенцијалното масло на циметот може значително да помогне при габични инфекции.
Потребни се повеќе истражувања на оваа тематика, но досегашните покажуваат ваков ефект на циметот. Една студија од 2016 покажува дека есенцијалното масло од цимет може да помогне за елиминирање на Кандидата од крвниот систем.
Дополнително, циметот се покажал како успешен во спречувањето на растот на одредени патогени бактерии, како што се Listeria и Salmonella.
Некои истражувања покажуваат дека антимикробниот ефект на циметот може да помогне во превенцијата и на кариесот и при лош здив.
6) Некои други потврдени корисни дејства на циметот, за кои требаат повеќе истражувања:
- може да помогне за подобрувања кај невродегенеративни заболувања, како Алцхајмер, Паркинсон итн.
- голем број на анимални студии укажуваат на заштитен ефект на циметот во однос на различни типови канцер.
- некои лабораториски студии на клетки, даваат резултати според кои циметот може да ја помогне борбата против ХИВ-1 вирусот, најчестиот тип на ХИВ вирус кај луѓето.