На социјалната мрежа ТикТок дерматологот Амна Адел од Лондон често споделува совети од областа во која е специјализирана, учејќи ги следбениците како да се грижат за нашиот најголем орган – кожата.
Таа споделува и видеа за ракот на кожата и промените на бенките за да ја подигне свеста за симптомите, пишува „Дејли мејл“.
Во новите видеа д-р Адел зборуваше за навиките кои ја уништуваат косата, а кои многумина од нас редовно ги практикуваат.
1. Избегнувајте пунџи и коњско опавче
Кога косата не ни е совршено чиста или исфенирана, најчесто прибегнуваме кон две фризури – или ја собираме косата во опашка или правиме пунџа. Тоа, објаснува дерматологот, е голема грешка.
– Тегнењето на косата и влечењето на фоликулите може да доведе до трајно опаѓање на косата – предупредува д-р Адел и додава дека врзувањето на косата во опавче, како и правењето тесна плетенка или пунџа, не треба да биде честа практика.
2. Сув шампон
Неправилното нанесување на сув шампон може да ја оштети косата.
– Кога нанесувате сув шампон, оставете го малку да отстои, не го отстранувајте веднаш од косата. Потребни се повеќе од десет секунди за шампонот да го „собере“ вишокот масло – потсетува д-р Адел.
3. Заштитен фактор и на скалпот
Кога ќе дојдат топлите денови, малкумина се оние кои ќе се сетат да нанесат производ со заштитен фактор на скалпот.
– Не заборавајте дека и вашиот скалп бара заштита од сонце. Не би поверувале колкаво е оштетувањето од сонцето и ракот на кожата што се појавува каде што ви е поделена косата. Затоа, погрижете се да го заштитите скалпот со нанесување заштитен фактор во форма на спреј – апелира дерматологот.
4. Не тријте ја влажната коса со крпа
Ова е грешка што ја прави речиси секоја жена – штом ја измие косата, ја тапка со крпа за да го отстрани вишокот вода.
– Косата најмногу се крши кога е мокра – потсетува д-р Адел и додава:
– Кога ќе ја триете со крпа кога е толку влажна, дополнително ја кршите и оштетувате. Наместо тоа, тријте ја косата со крпа од микрофибер. На овој начин ќе го апсорбирате вишокот на вода, а нема да ја оштетите косата.
5. Шампонот е само за скалпот
Кога ја мијат косата, повеќето жени нанесуваат голема количина шампон не само на скалпот, туку и на косата. Д-р Адел потсетува дека шампонот „ќе ја заврши работата“ и ќе ги отстрани нечистотиите од косата додека природно се спушта по косата за време на миењето.
Таа исто така советува секогаш да се користи шампон со регенератор и објаснува зошто:
– Ова помага да се затвори кутикулата на косата, па косата ќе биде посјајна. Тој исто така помага да се направи косата посилна и обезбедува заштита од УВ.