Филмот со Рис Витерспун, Рајан Филип и Сара Мишел Гелер во улогите на богати, манипулативни тинејџери кои летото го поминуваат во измами и љубовни превирања е култен наслов уште од неговата премиера во 1999 година – иако доби мешани критики од критичарите, на благајните беше голем успех.
Оригиналниот филм е режиран и напишан од Роџер Кумбл врз основа на францускиот роман од 1782 година „Les Liaisons dangereuses“, а наскоро доаѓа адаптација на филмската класика, во форма на серија од осум епизоди кои ќе бидат прикажани на бесплатната платформа на Amazon, Freevee (со можност за префрлување на услуга за стриминг Prime Video). Датумот на емитување на мини-серијата се уште не е познат, а Амазон не сакаше да ја коментира веста за филмската адаптација.
„Cruel Intentions“ веќе доби две продолженија – во 2000 и 2004 година, а во 2016 година се зборуваше за снимање на серија чие дејство ќе биде сместено 17 години по настаните што се случија во првиот дел од филмот. Тогаш тој проект, продуциран од NBC, пропадна по пилот епизодата.