HBO ја објави првата снимка од актерката Кејт Винслет од претстојната серија „The Palace“. Познатата 47-годишна актерка може да се види во син костум со златен вез на реверите, косата крената и строго исчешлана, а изразот на лицето ѝ е строг додека седи на огромна државничка маса во огромен диктаторски стил, во сала опкружена со знамиња. Видливи се и мермерни столбови и големи слики на ѕидовите.
Детали за ликот што го глуми Винслет се уште не се откриени, но познато е дека „The Palace“ е мини-серија која ја подготвуваат продуцентите на „Succession“ и режисерот на „The Queen“ Стивен Фрирс, а Кејт Винслет ќе биде и еден од извршните продуценти. Моментално се снима во Австрија, но снимањето во иднина би требало да се пресели во Обединетото Кралство, пишува Daily Mail. Серијата ќе се занимава со настаните во ѕидините на палатата на авторитарниот режим, поточно настаните во рок од една година во кои режимот е разнишан и почнува да пропаѓа. Други детали се уште не се откриени во јавноста.
Кејт Винслет се приклучи на проектот минатиот јули, кога беше најавено снимањето на серијата, а сега се знае дека во актерската екипа ќе се најдат и Андреа Рајзборо, во улогата на доверливиот човек на Кејт, Матијас Шоенаертс, Марта Плимптон и – Хју Грант. Ова е првпат Кејт Винслет и Стивен Фрирс да соработуваат за да го оживеат оригиналното, визионерско и брилијантно сценарио на Вил Трејси, соопшти HBO. Колку сценариото е инспирирано од актуелните случувања во некои источноевропски земји, ќе видиме.
Кејт Винслет претходно работеше за HBO, глумејќи во серијата „Mare of Easttown“, за која беше наградена со Primetime Emmy за извонредна главна актерка во ограничена или антолошка серија. Соработката ќе продолжи и по „The Palace“ – актерката треба да се појави во уште една серија на HBO, адаптација на романот „Trust“ на Хернан Дијаз, чие дејство е сместено во Њујорк во 1920-тите.