Романскиот суд нареди ослободување од домашен притвор на популарниот инфлуенсер Ендрју Тејт, кој го чека судењето по обвинение за трговија со луѓе.
Судот го стави Тејт, личност на социјалните мрежи позната по изразување мизогински ставови, под судска контрола, помалку рестриктивна мерка од досегашната.
Апелацискиот суд во Букурешт во писмена одлука соопшти дека „ја заменува мерката куќен притвор со онаа за судска контрола во период од 60 дена од 4 август до 2 октомври“.
Тејт и неговиот брат Тристан, и двајцата имаат двојно американско и британско државјанство, беа обвинети во јуни заедно со две романски осомничени за трговија со луѓе, силување и формирање криминална банда за сексуална експлоатација на жени. Осомничените ги негираа обвинувањата.
Според новата мерка, четворицата осомничени можат да ја напуштат куќата, но не и Букурешт и околниот округ Илфов. Тие мора редовно да се проверуваат во полиција. Исто така, им е забрането да се обидуваат да им пријдат на наводните жртви.
Романската агенција за борба против организираниот криминал тврди дека четворицата обвинети формирале криминална група во 2021 година „со цел да извршат кривично дело трговија со луѓе“ во Романија, како и во САД и Велика Британија.
Агенцијата наведува дека седум жени биле заведени и транспортирани во Романија, каде што биле сексуално експлоатирани и физичко малтретирани од бандата. За еден обвинет се вели дека двапати силувал жена во март 2022 година.
Тејт и неговиот брат покренаа тужба против жена од Флорида во јули, велејќи дека таа лажно ги обвинила дека ја затвориле во Романија, што доведе до нивно апсење таму под обвинение за трговија со луѓе.
Браќата бараат најмалку 5 милиони долари во тужбата, која беше поднесена во округот Палм Бич против жената, нејзините родители, друга жена која живеела во имотот на Тејт во Букурешт и пријател на жената.
Во Британија, четири Британки се приклучија на граѓанското барање за отштета против Тејт, тврдејќи дека биле жртви на сексуален и физички напад од него. Жените рекоа дека имаат намера да започнат постапка против него.