Побарувачката за киноа вртоглаво се зголеми во последниве години, бидејќи таа е псевдожитарка преполна со протеини. Нутриционистот Џо Левин за „Bbcgoodfood“ ги открива најважните нутритивни карактеристики на алтернативите без глутен на житарките со скроб.
Киноата е всушност растение од исто семејство како цвекло, блитва и спанаќ. Богата е со протеини и е важен растителен извор на сите девет есенцијални амино киселини. Гурманите го препорачуваат како супериорна алтернатива на булгур пченица, кускус и ориз.
Богата е со протеини, магнезиум, калциум и растителни влакна.
Ако сè уште не сте ја вклучиле киноата во вашата исхрана, можеби учењето за нејзините здравствени придобивки ќе ве инспирира да го сторите тоа.
1. Може да го намали ризикот од хронични болести
Киноата е богата со антиинфламаторни фитонутриенти, што ја прави потенцијално корисна за здравјето на луѓето во превенција и третман на болести.
Содржи омега-3 масни киселини здрави за срцето и, во споредба со обичните житарки, има поголема содржина на мононезаситени масти.
2. Сојузник на виткоста
Со висока содржина на влакна и повеќе протеини од оризот и јачменот, киноата може да биде одлична во исхраната. Има низок гликемиски индекс, кој поволно делува на намалување на чувството на глад.
3. Може да помогне во балансирање на шеќерот во крвта
Иако се потребни повеќе истражувања на оваа тема, некои студии сугерираат дека киноата може да го подобри нивото на триглицериди и да помогне во контролата на шеќерот во крвта.
4. Погодна е за луѓе со целијачна болест и нетолеранција на глутен
Бидејќи не содржи глутен, киноата е одличен избор за луѓе со целијачна болест или нетолеранција на пченични протеини.
Богата е со растителни влакна и е подобар избор за здравјето на цревата отколку рафинираните алтернативи како ориз или компирово брашно.
5. Може да го подобри здравјето на цревата
Студиите спроведени на глувци сугерираат дека киноата може да го подобри здравјето на цревата со зголемување на разновидноста на корисни цревни бактерии и намалување на воспалителните процеси кои го придружуваат колитисот.
Бидејќи делува како пребиотик, киноата им овозможува на корисните бактерии во цревата да напредуваат.
Дали киноата е безбедна за секого?
Алергиските реакции на киноа се многу ретки. Но, природните соединенија со кои се обложени семките од киноа може да предизвикаат некои несакани реакции. Овие соединенија може да се отстранат со темелно миење или натопување на киноата пред употреба.