Британскиот актер Џулијан Сендс (65) исчезна минатиот петок додека планинарел на планината Балди, североисточно од Лос Анџелес во Калифорнија.
Откако му се губи секоја трага на 13 јануари, спасувачите излегле на терен во потрага по Сендс, но поради лошите временски услови и заканата од лавина морале да ја прекинат потрагата, рекла Глорија Хуерта, портпаролка на канцеларијата на шерифот во Сан Бернардино, пренесе „Си-ен-ен“.
Официјалните лица ја продолжиле потрагата со дронови, но и тоа е ограничено поради времето, додала таа.
Сендс, кој е посветен планинар, сè уште не e лоциран, а полицијата истражува каде се наоѓа. Неговиот автомобил бил пронајден на 18 јануари.
Канцеларијата на шерифот во Сан Бернардино неодамна ги предупреди планинарите да ја избегнуваат планината Балди поради силните ветрови и мразот. Било наведено дека во претходните четири недели спасувачките екипи реагирале 14 пати на таа планина и во околината.
„Овие спасувачки мисии беа за изгубени, заглавени или повредени планинари. За жал, во текот на претходните четири недели, двајца планинари не преживеаја. Неодамнешните снежни и ледени бури не се поволни за планинарите, дури и за оние кои мислат дека се многу искусни“, порачале од канцеларијата на шерифот.
Џулијан Сендс (роден 1958) е познат по неговите улоги во филмовите како „Полињата за убивање“, „Соба со поглед“, „Ворлок“, „Арахнофобија“ и „Напуштање од Лас Вегас“.