Авокадото е многу популарна намирница, но сè уште се бориме да го препознаеме степенот на неговата зрелост.
Ако сте од оние луѓе кои не можат да изберат авокадо во продавница, а кога ќе се вратите дома сфаќате дека е или зелено или презрело, прочитајте ги советите подолу и нема повторно да го фрлите.
Иако темнозелената или кафена боја може да бидат знак на зрелост, имајте во предвид дека тоа не е случај кај сите видови. Земете го авокадото во рака и лесно стиснете го – ако е меко, но не и кашесто, треба да биде во добра состојба за моментална употреба.
Ако погрешно процените, можете да го забрзате процесот на зреење така што ќе го ставите во хартиена кеса и ќе додадете друго зрело овошје внатре, како банана. Оставете го на собна температура неколку часа или преку ноќ и проверете дали бананата направила магија. Во случај да немате време да чекате да созрее авокадото, можете да го завиткате во фолија и да го ставите во рерна загреана на 200 степени неколку минути.